Мировните одлуки не можат да се донесат без Украина, а преговорите можат да дадат резултати само откако ќе се постигне прекин на огнот, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, пред средбата меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска.
Тој истакна дека ставот на Украина и нејзините партнери на патот кон мирот е принципиелен и јасен и дека не може да се утврди без Киев, пренесуваат украинските медиуми.
-Никој не сака мир повеќе од Украинците. Никој не сака мир повеќе од Европејците. Но, Русија ја гледа својата главна цел во водењето војна. Русија претпочита да гради нови ѕидови на нашиот пат кон праведен и траен мир. Таа сака да ја запечати нашата слобода, рече Сибиха во објава на „X“.
Тој додаде дека само преку единство, кое е „посилно од рускиот империјализам“, може да се постигне достоинствен мир изграден врз сигурна безбедност. Претседателите на Соединетите Американски Држави и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се сретнат денеска во Алјаска, најголемата и најоддалечената американска држава, за да разговараат за прекинување на војната во Украина.