Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Синот на Трамп оди на Гренланд, ќе снимал поткаст

Доналд Трамп Помладиот, синот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, ќе го посети Гренланд со цел снимање подкаст, само неколку недели откако неговиот татко повторно го изнесе предлогот САД да ја преземат контролата врз оваа данска автономна територија.

Според американските медиуми, Доналд Помладиот ќе престојува на островот за време на еднодневна приватна посета.

Неговиот татко, Доналд Трамп, предизвика нови контроверзии со тврдењето дека „Гренланд е од клучно значење за националната безбедност на САД“. Ова не е првпат Трамп да покаже интерес за Гренланд – за време на својот прв претседателски мандат, тој предложи да го купи островот, но беше категорично одбиен од локалните лидери. Премиерот на Гренланд, Муте Егеде, повторно изјави дека „Гренланд му припаѓа на народот на Гренланд и не е на продажба“.

Претседателот Трамп го потврди патувањето на својот син преку Truth Social, каде објави дека посетата ќе вклучува „разгледување на највеличествените предели на Гренланд“. Трамп додаде дека Гренланд би можел да има „огромна корист“ ако стане дел од САД и ја заврши објавата со неговиот препознатлив слоган: „Ќе го направиме Гренланд повторно голем!“

Данската влада не даде официјален коментар за посетата на Трамп Помладиот, но Министерството за одбрана објави дека ќе ги зголеми инвестициите во одбраната на Гренланд. Министерот за одбрана, Троелс Лунд Поулсен, изрази иронија за времето на посетата и изјавите на Трамп.

Данскиот крал Фредерик X, во потег што многумина го толкуваат како одговор на американската реторика, ја засили симболичната важност на Гренланд преку промена на кралскиот грб за да ја нагласи територијата. Истовремено, премиерот Егеде го искористи својот новогодишен говор за да повика на независност на островот, нарекувајќи ја „ослободителна цел“.

Во меѓувреме, Трамп продолжи со контроверзни изјави, вклучително и заканата дека САД ќе ја вратат контролата врз Панамскиот канал поради „прекумерните такси“, како и предлогот Канада да стане 51-ва американска сојузна држава.

Зачлени се на нашиот е-билтен