Ситните пари заминуваат во заборав, а со тоа и готовината

Сè повеќе земји ги укинуваат кованиците со ниска вредност. Дали и Германија – земја чии граѓани традиционално преферираат плаќање во готово – ќе тргне по нивниот пример и ќе ги укине кованиците од 1 и 2 евроценти? Во некои земји-членки на еврозоната, тоа веќе функционира.

Нечии љубови имаат граници, па така и германската љубов кон готовината би можела да биде ставена на тест преку малите евро-кованици. Идејата за нивно укинување постои подолго време, но сега добива нова поддршка – вклучително и од група поврзана со германската Централна банка (Бундесбанк).

Ова се случува откако и во САД, претседателот Доналд Трамп се обиде да ја принуди државната ковница да престане да го произведува нивниот „пени“.

Најголемиот проблем се токму теглите со насобрани ситни пари кои луѓето ги чуваат дома, но ретко ги користат. Централните банки се жалат дека овие кованици речиси никогаш не се враќаат во оптек – земени како кусур, но потоа запоставени. Резултатот: Европската централна банка постојано мора да издава нови кованици.

Според податоци на ЕЦБ, во оптек моментално има 40,1 милијарда кованици од 1 цент и 31,4 милијарди од 2 центи.

Во Германија, иницијативата за укинување доаѓа од Националниот форум за готовина – тело поддржано од Бундесбанк, кое се залага за одржување на готовината како универзално средство за плаќање. Тие сметаат дека овие ситни кованици се непотребни и повикуваат на воведување на задолжително правило за заокружување на сметките при плаќање во готово.

Што значи заокружување во пракса?

Заокружувањето би се применувало само врз вкупниот износ на сметката, не врз цените на поединечни производи. Така, на пример, ако купите производи кои чинат 9,99 евра, при плаќање во готово би платиле 10,00 евра, но при електронско плаќање – износот би останал точен.

Многу земји – како Канада, Австралија, Нов Зеланд, па дури и Албанија и Виетнам – веќе ги укинаа своите најситни кованици, со образложение дека производната цена е поголема од нивната вредност, и дека тие не се користат самостојно во трговијата.

Во Европа, неколку земји-членки на еврозоната како Италија, Ирска, Белгија, Холандија и Словачка веќе воведоа правила за заокружување при плаќање со готовина. И според истражувањето на Евробарометар од 2024 година, над 60% од граѓаните на еврозоната поддржуваат укинување на овие кованици.

Дали тоа значи крај на готовината?

Во Германија, многу луѓе и понатаму ја претпочитаат готовината – поради анонимноста што ја нуди и стравот од тоа дека технологијата би можела да откаже во клучен момент, како за време на прекин на струја. Според податоците на Бундесбанк, во 2023 година готовинските трансакции сè уште сочинувале 51% од сите плаќања.

Сепак, трендот на користење на дигитални плаќања се зголемува – особено преку онлајн купување и мобилни апликации.

Зачлени се на нашиот е-билтен