Украина со резерва гледа на еднострано прогласениот 30-часовен прекин на огнот што денеска го најави рускиот претседател Владимир Путин. Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, исто како и претседателот Володимир Зеленски пред него, ја отфрли идејата дека станува збор за искрена понуда за мир.
„30 часа наместо 30 дена“, напиша Сибиха на мрежата Х, потсетувајќи дека Киев уште во март се согласи на американскиот предлог за целосен 30-дневен прекин на огнот во текот на мировните разговори во Џеда. Според него, Русија тогаш го одбила предлогот и наместо тоа поставила предуслови што го минирале процесот.
„Неподударноста меѓу изјавите и постапките на Владимир Путин е одамна позната. Знаеме дека не можеме да им веруваме на неговите зборови. Ќе ги следиме делата, не изјавите. Русија во секој момент може да го прифати предлогот за целосен и безусловен прекин на огнот – тој сè уште е на маса“, рече Сибиха.
Тој апелираше до меѓународната заедница да биде внимателна и да не се занесува од потези што, како што рече, се со јасна пропагандна цел.
Најавата од Путин за привремен прекин на огнот, наводно во чест на православниот Велигден, дојде ненадејно и без консултација со другата страна.
Претседателот Зеленски, реагирајќи на потегот, изрази сомнеж. Во објава на социјалните мрежи, тој го нарече уште една манипулација од страна на Путин, без да прецизира дали украинските сили ќе одговорат на примирјето.