Трајко Славески, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, е предложен од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нов гувернер на Народната банка. Неговиот избор треба да се потврди на собраниската седница закажана за 3 јуни. Иако опозициските партии СДСМ и Левица најавија дека нема да го поддржат, владејачкото мнозинство има доволен број пратеници за негово именување.
Славески во јавноста е познат по својот став против зголемување на минималната плата. „Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да важи за повеќе од 20% од работниците, ниту да биде 60% од просечната плата, кога ЕУ препорачува максимум 50%“, изјави тој во интервју за ТВ24.
Според достапните информации, основната бруто-плата за гувернерската функција изнесува 202.097 денари. По одбивање на социјалните и пензиските придонеси (околу 32,33%), нето-платата на гувернерот ќе изнесува околу 137.000 денари.
Оваа плата е речиси петпати повисока од минималната, со која значителен дел од работниците се обидуваат да ги покријат месечните трошоци. Прашањето за фер распоред на примањата останува отворено, особено во контекст на економските нееднаквости и тековната дебата за социјална правда.