Слика на Пабло Пикасо на хуманитарна лотарија во Париз

Во Франција се организирана хуманитарна лотарија во која учесниците, по цена од 100 евра за билет, можат да освојат слика од Пабло Пикасо, соопштија организаторите. Делото на шпанскиот уметник ќе биде доделено на извлекување што ќе се одржи во аукциската куќа Christie’s во Париз.

Станува збор за хуманитарна акција чии приходи се наменети за истражувања поврзани со Алцхајмерова болест, а организатор е фондација за истражување на Алцхајмер со седиште во еден од водечките париски болнички центри, пренесува Асошиејтед прес.

Организаторите наведуваат дека бројот на билети е ограничен на 120.000, што во случај на распродажба може да донесе приход од околу 12 милиони евра. Ова е трета ваква акција во која дело на Пикасо се доделува преку томбола. Претходните се одржани во 2013 и 2020 година, а добитниците биле од САД и Италија.

На првата томбола „1 Пикасо за 100 евра“ во 2013 година, пожарникар од Пенсилванија ја освоил сликата „Човек со оперска шапка“, која шпанскиот мајстор ја насликал во 1914 година, во својот кубистички период.

Вториот Пикасов портрет, масло на платно „Мртва природа“, во 2020 година ја добила Клаудија Боргонјо, сметководителка од Италија. Нејзиниот син ѝ купил билет како божиќен подарок. Таа „мртва природа“, насликана во 1921 година, била купена за томболата од милијардерот и колекционер на уметност Дејвид Нахмад, кој во ретко интервју за Асошиејтед прес изјавил дека Пикасо би го одобрил ваквиот начин на доделување на неговите дела.

Пикасо почина во 1973 година.

„Пикасо беше многу дарежлив. Им подаруваше слики на својот возач, на својот кројач. Сакаше неговата уметност да ја собираат сите видови луѓе, не само супербогатите“, изјави Нахмад.

Според организаторите, претходните две томболи собрале повеќе од 10 милиони евра за хуманитарни и медицински проекти. Гвашот на хартија „Tête de Femme“ („Глава на жена“), кој ќе биде понуден следната недела, Пикасо го насликал во 1941 година.

Фондацијата за истражување на Алцхајмеровата болест, организатор на добротворната лотарија, се наоѓа во една од водечките париски јавни болници и се занимава со медицински истражувања на оваа болест во Франција од своето основање во 2004 година.

Аукциската куќа Christie’s соопшти дека сликата ќе биде изложена од понеделник во нејзините галерии во Париз, пред извлекувањето што ќе се одржи во вторник во 18 часот.

Зачлени се на нашиот е-билтен