Десетици илјади Словаци се вратија на централниот плоштад во главниот град на вториот голем протест во последните две недели, спротивставувајќи се на она што тие го гледаат како промена на политиката на премиерот Роберт Фицо, чија цел е приближување кон Русија.
Демонстрантите се собраа и во десетици други градови и населени места низ централната европска држава. Тие со скандирања „Оставка, оставка“ и „Руски агент“ го повикаа Фицо да се повлече од функцијата.
Според медиумите толпата на Плоштадот на слободата во Братислава била помеѓу 42.000 и 45.000 луѓе.
Тоа е нешто помала бројка од протестот пред две недели, кога на улица излегоа 60.000 луѓе во главниот град и под нивото од 2018 година, кога убиството на истражувачки новинар предизвика собири што го принудија Фицо да поднесе оставка.
Тензиите се зголемија во последниве недели откако левичарско-националистичката влада на Фицо ги нападна прогресивните противници, обвинувајќи ги дека се обидуваат да предизвикаат хаос и да ја соборат владата.
Владата ги разгледува новите превентивни мерки поради, како што рече Фицо, плановите за ескалација на протестите во обиди за незаконско соборување на владата, вклучително и со окупирање на државни згради. Фицо ги отфрли повиците на опозицијата да се повлече.
Фицо, откако се врати како премиер по четврти пат во 2023 година, предизвика загриженост кај критичарите дека неговата влада ги слабее демократските вредности и ја оддалечува надворешната политика од сојузниците, Европската унија и НАТО и се приближува до Русија.
Последната рунда протести доаѓа откако Фицо приватно отпатува во Москва во декември за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, ретка средба за лидер на ЕУ откако Русија ја нападна Украина во 2022 година.
Фицо ја бранеше надворешната политика на неговата влада, велејќи дека таа функционирала во сите правци. Иако е критичен кон некои политики на ЕУ, тој рече дека политиката сè уште е одредена од членството во ЕУ и НАТО.