Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија соопшти дека во земјата биле егзекутирани две лица осудени за тероризам, со што бројот на егзекуции во 2025 година досега достигна најмалку 100.
Според соопштението, двајца саудиски државјани биле погубени поради учество во, како што се наведува, „терористички активности“, вклучувајќи приклучување кон „терористичка организација“ и посетување на кампови за обука во странство каде што, според властите, научиле да прават експлозиви.
Според податоците на новинската агенција АФП, од вкупниот број егзекуции досега, 59 се поврзани со осуди за дела поврзани со дрога, а меѓу нив имало и 43 странски државјани.
Невладините организации за човекови права предупредуваат на селективниот однос на меѓународната заедница. „Додека Саудиска Арабија се позиционира како позитивен дипломатски актер, нејзините меѓународни партнери покажуваат дека се подготвени да ги затворат очите пред нејзините очигледни кршења на човековите права“, наведуваат тие.
По пауза од речиси три години, властите кон крајот на 2022 година повторно почнаа да извршуваат смртни казни за прекршоци поврзани со дрога.
Претходен извештај на АФП покажа дека во 2023 година биле егзекутирани најмалку 170 лица, додека минатата година бројката достигнала 338 – речиси двојно повеќе од претходниот рекорд од 196 егзекуции во 2022 година.
Во април, „Амнести Интернешнл“ го осуди, како што го нарече, „алармантното зголемување“ на употребата на смртна казна во Саудиска Арабија – земја која останува меѓу оние со најчеста примена на оваа казна во светот.
Човековите права и примената на смртната казна сѐ почесто доаѓаат во судир со имиџот што властите го градат преку проектот „Визија 2030“ – амбициозна програма за економски и општествени реформи. Сепак, саудиските власти остануваат на ставот дека смртната казна е „неопходна за одржување на јавниот ред“ и се применува само по исцрпување на сите судски постапки.