Смртоносни поплави во Мароко: најмалку 21 жртва во крајбрежната покраина Сафи

Најмалку 21 лице го загубиле животот, а 32 се повредени во силните поројни поплави што ја погодија крајбрежната покраина Сафи во Мароко, на околу 330 километри јужно од главниот град Рабат, соопштија мароканските власти, пренесуваат француските медиуми.

Според британски извори, за помалку од еден час наврнала огромна количина дожд, што довело до ненадејно излевање на водата и сериозни поплави во поширокиот регион.

Во невремето биле поплавени околу 70 куќи и деловни објекти, додека поројните води однеле десетина автомобили и прекинале сообраќај на повеќе патни правци во и околу Сафи.

Спасувачките служби и понатаму се ангажирани на терен, особено во најкритичните подрачја, каде што се трага по евентуални преживеани и се проценува материјалната штета.

Обилните врнежи доаѓаат по долг период на суша, кој во Мароко траеше речиси седум години, а во последните денови земјата се соочува и со обилни снежни врнежи во планинскиот масив Атлас.

Зачлени се на нашиот е-билтен