Американскиот претседател Доналд Трамп не мораше долго да чека на одговор од Канада по одлуката да воведе царина од 25% на увозни производи од земјата на својот северен сосед.
Премиерот на Онтарио, Даг Форд, изјави дека е подготвен со „насмевка на лицето“ да го прекине извозот на електрична енергија во Соединетите Американски Држави, пренесе порталот The Hill.
“Ако сакаат да се обидат да го уништат Онтарио, ќе направам сè, вклучувајќи и тоа да им го прекинеме снабдувањето со енергија, и тоа со насмевка на лицето”, изјави Форд на еден саем за рударство во Торонто, јавува Toronto Sun.
Форд повторно потврди дека е подготвен да одговори со одговорни царини, нагласувајќи дека САД се голем купувач на канадска електрична енергија.
„Тие зависат од нашата енергија. Мора да го почувствуваат болката. Ако сакаат да одат против нас, ние ќе одговориме двојно посилно“, рече тој.
САД се најголемиот увозник на електрична енергија од Канада. Во текот на 2023 година, Канада извезла 38 милиони мегавати електрична енергија во САД. Според извештаите на канадските медиуми, Форд рече дека ќе одговори со „долар за долар“ воведувајќи царини – „Тоа е точно она што ќе го направиме“, порача премиерот на Онтарио.
Форд сугерираше дека федералните и провинциските влади се обединети во пристапот за борба против американските царини.
„Провинциите имаат големо влијание, но федералната влада е таа која го води бојкотот, и ние ќе стоиме рамо до рамо, без разлика кој е на власт во федералните влади. Јас не го започнав овој трговски конфликт, но ќе победиме во него“, рече Форд.
Овие изјави следат по најавата на Трамп од понеделникот дека царините од 25% на стоката од Канада и Мексико ќе стапат на сила во вторник, нагласувајќи дека нема повеќе простор за преговарање пред да истече 30-дневната одложеност.
„Царините се поставени. Влегуваат на сила утре“, изјави Трамп, додавајќи дека „нема повеќе простор за Мексико или Канада“ да постигнат договор пред полноќ.
Трамп минатата недела предупреди дека царините ќе бидат воведени откако ги одложи нивното применување за еден месец, за време на разговорите со канадските и мексиканските лидери, при што се согласија да преземат акции во врска со протокот на дрога на границата.
Трамп понеделникот рече дека „огромна количина фентанил влегува во нашата земја“, најчесто преку Мексико и од Кина, и ги повика производителите на автомобили да изградат фабрики во САД за да избегнат идните царини.
„Она што мора да го направат е да изградат свои фабрики за автомобили, искрено, и други работи во Соединетите Држави, така нема да имаат царини“, рече Трамп во понеделникот.
Претседателот на САД исто така најави дека ќе почнат да се применуваат реципрочни царини на 2 април, кои ќе покриваат увозни производи од сите земји кои ќе воведат даноци на увоз на американски добра.