Социјалната мрежа X под истрага во Франција за наводно странско мешање

Американската социјална мрежа X, во сопственост на Илон Маск, е под кривична истрага во Франција поради сомневања за пристрасни измени на нејзиниот алгоритам и потенцијално странско мешање во дигиталната сфера.

X објави дека одбива да ги исполни барањата на париското обвинителство, кое побара пристап до алгоритамот за препораки и податоци во реално време за објавите на платформата. Компанијата тврди дека има законско право да не соработува и оценува дека истрагата „го искривува францускиот закон за политичка агенда“ и ја ограничува слободата на изразување.

Истрагата, која официјално започна на 11 јули, е доверена на Генералниот директорат на Националната жандармерија. Таа се фокусира на сомнежи за манипулација од организирана банда врз автоматски систем за обработка на податоци, како и за неовластено извлекување информации.

Причина за отворањето на постапката се два извештаи поднесени во јануари, еден од нив од пратеникот Ерик Боторел, член на партијата на претседателот Емануел Макрон. Тој го алармираше обвинителството за наводни промени во алгоритмот на X и влијанието врз управувањето со мрежата по преземањето од Маск во 2022 година.

X категорично ги отфрла сите обвинувања за манипулација со алгоритмот и потенцијално странско мешање, нагласувајќи дека ќе се спротивстави на, како што велат, „неоснованите правни притисоци“.

Зачлени се на нашиот е-билтен