Сопственик на ноќен клуб во Доминиканската Република уапсен заедно со сестра му

Сопственикот на ноќен клуб во Доминиканската Република, чиј покрив се урна во април при што загинаа 236 лица, е уапсен заедно со својата сестра. Антонио Еспајат и Марибел Еспајат засега не се официјално обвинети, но властите имаат рок од 48 часа да поднесат обвиненија пред судија, објави агенцијата АП.

„Двајцата покажаа крајна неодговорност и небрежност, бидејќи физички не презеле ништо за да го спречат уривањето на покривот на клубот, што на крајот доведе до трагедија со 236 жртви и повеќе од 180 повредени“, се наведува во соопштението на државното обвинителство на Доминиканската Република.

Обвинителите исто така тврдат дека браќата и сестрата се обиделе да влијаат врз вработените во клубот, кои би можеле да бидат клучни сведоци во идната судска постапка.

Адвокатот на семејството Еспајат засега не даде изјава за јавноста. Уапсени се по неколку часа испрашување, а истрагата за причината за несреќата сè уште е во тек.

Екипите за спасување работеа 53 часа без прекин откако стигнаа на местото на несреќата, кое се наоѓа во главниот град Санто Доминго. Благодарение на нивната брза интервенција беа спасени 189 лица.

Меѓу жртвите беа и познати личности – пејачката Руби Перез, која настапувала во моментот на уривањето, гувернерката на покраината Монтекристо, Нелси Круз (сестра на познатиот бејзбол играч Нелсон Круз), како и бејзбол ѕвездата Октавио Дотел, кој бил извлечен жив од урнатините, но починал во болница.

Почина и уште еден познат бејзбол играч – Тони Енрике Бланко Кабрера, како и модниот дизајнер од Њујорк, Мартин Поланко, пензиониран функционер на ОН, капетан на доминиканската армија и тројца вработени во финансиска компанија, меѓу кои и претседателот на AFP Popular Bank и неговата сопруга.

Клубот, кој функционирал речиси 50 години, беше еден од најпознатите ноќни клубови во земјата и често бил домаќин на забави со присуство на меѓународни ѕвезди и видни јавни личности од Доминиканската Република.

Зачлени се на нашиот е-билтен