Еден ден по телефонскиот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за прекин на огнот и завршување на војната меѓу Русија и Украина, Советот на министри за надворешни работи на Европската унија го одобри 17-тиот пакет санкции против Русија. Сепак, беше соопштено дека тие нема да стапат веднаш во сила, туку нивната примена ќе зависи од развојот на настаните на терен во наредните денови, без да се дадат дополнителни детали.
Пакетот е насочен кон речиси 200 таканаречени „бродови во сенка“ — бродови што пловат под странски знамиња, тешко се следат и се користат за избегнување на санкциите наметнати врз Русија.
„ЕУ го одобри својот 17-ти пакет санкции против Русија, кој опфаќа речиси 200 бродови во сенка. Новите мерки, исто така, се однесуваат на хибридните закани и човековите права“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на платформата X.
The EU has approved its 17th sanctions package against Russia, targeting nearly 200 shadow fleet ships.
— Kaja Kallas (@kajakallas) May 20, 2025
New measures also address hybrid threats and human rights.
More sanctions on Russia are in the works.
The longer Russia wages war, the tougher our response.
Таа додаде дека работата на нови, дополнителни санкции продолжува.
„Колку подолго Русија ја продолжува војната, толку порешителен ќе биде нашиот одговор“, рече Калас.
Како што беше претходно објавено, покрај „бродовите во сенка“, 17-тиот пакет санкции вклучува и забрана за соработка со околу 30 компании кои ги заобиколуваат санкциите преку трети земји, дополнителни забрани за влез во ЕУ и замрзнување на средства на 75 лица и компании поврзани со руската агресија врз Украина, како и забрана за извоз на хемикалии што можат да се користат за производство на оружје, меѓу други мерки.