Специјалниот обвинител на САД, Џек Смит, ја напушти својата функција во Министерството за правда откако ги заврши кривичните истраги против новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Смит истражуваше наводни обиди на Трамп да го поништи изборниот пораз од 2020 година, објави „Политико“.
Веста за неговата оставка беше откриена преку фуснота во документ на Министерството за правда, поднесен до окружната судијка Ајлин Кенон. Во истиот документ, министерството побара судијката да не го продолжува налогот што привремено го спречува објавувањето на конечниот извештај на Смит за истрагите против Трамп.
Министерството за правда смета дека судијката ги надминала своите овластувања со забраната, која го блокира државниот обвинител Мерик Гарланд да ги објави наодите на Смит. Забраната ќе остане во сила до понеделник.
Според „Политико“, оставката на Смит беше очекувана пред истекот на мандатот на претседателот Џо Бајден. Во меѓувреме, Доналд Трамп јавно го повикуваше на кривично гонење на Смит и дури предложи негово депортирање од САД.