Американските царини за поголемиот дел од увезеното железо и алуминиум ќе се удвојат денес, на ден кога претседателот Доналд Трамп очекува трговските партнери да ги дадат своите „најдобри понуди“ за да избегнат царини за други стоки на почетокот на јули.
Трамп доцна синоќа потпиша извршна наредба со која денес стапува во сила изненадувачката најава од минатата недела дека царините за железо и алуминиум воведени во март ќе бидат зголемени од 25 проценти на 50 проценти. „Почнавме со 25, и кога ги разгледавме податоците подетално, сфативме дека тоа многу помогна, но треба да направиме повеќе. И затоа одиме на 50 проценти“, рече економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет.
Зголемувањето се однесува на сите трговски партнери освен Велика Британија, единствената земја што досега има привремен трговски договор со САД. Царината за увоз на железо и алуминиум од Велика Британија, која не е голем извозник на метали во САД, ќе остане на 25 проценти најмалку до 9 јули.
Околу една четвртина од железото што се користи во САД е увезено, а податоците од Бирото за статистика покажуваат дека повисоките царини особено ќе влијаат на најблиските трговски партнери на САД – Канада и Мексико. Канада е првиот, а Мексико третиот извозник на железо во САД.
Канада е уште повеќе изложена на царини за алуминиум бидејќи е убедливо најголемиот извозник на металот во САД – двојно повеќе од другите десет водечки извозници заедно. Речиси половина од алуминиумот во САД доаѓа од странски извори.
Канцеларијата на канадскиот премиер Марк Карни објави дека тој е „вклучен во интензивни преговори за отстранување на овие и други царини“.