Обединетото Кралство и Франција ќе соработуваат со Украина на мировен план што ќе му го претстават на американскиот претседател Доналд Трамп, најави британскиот премиер Кир Стармер, нагласувајќи дека договорот ќе мора да содржи безбедносни гаранции.
Стармер ќе биде домаќин на западните лидери во Лондон во обид да ја оживее иницијативата за мировен договор, по расправијата меѓу Трамп и американскиот потпретседател Џ. Венс и Володимир Зеленски во Овалната соба што резултираше со заминување на украинскиот претседател од Белата куќа, пред потпишувањето на најавениот договор за ретки минерали што требаше да биде чекор кон мирот.
Британскиот лабуристички премиер изрази надеж дека европската „коалиција на земји со добра волја“ ќе се собере за да го поддржи Киев, но нагласи дека секој прекин на огнот мора да има поддршка од САД за да се спречи рускиот претседател Владимир Путин повторно да одлучи да ја нападне Украина.
„Со други зборови, треба да ги најдеме оние земји во Европа кои се подготвени посилно да гледаст напред“, изјави тој за Би-Би-Си. „Велика Британија и Франција се најдалеку во ова размислување, и затоа претседателот Макрон и јас работиме на овој план, за кој потоа ќе разговараме со САД“.
Стармер разговараше со Макрон и Трамп откако го прими Зеленски во Даунинг стрит. Лабуристот веќе долго време нагласуваат дека европските мировни сили во Украина мора да имаат безбедносна гаранција од Вашингтон за да функционира каков било мировен договор во Украина.
„Отсекогаш сум бил јасен дека за тоа ќе биде потребна американска поддршка, бидејќи мислам дека нема да има никаква гаранција без тоа“, изјави тој за BBC News.