Британскиот премиер Кир Стармер денеска го разреши амбасадорот во САД, Питер Манделсон, откако беа објавени нови информации за неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн, пренесува CNN.
Одлуката доаѓа по зголемениот јавен притисок откако американски конгресмени ја објавија т.н. „роденденска книга“, во која се наоѓа писмо од Манделсон до Епстајн каде го нарекува „свој најдобар пријател“ и му изразува поддршка. Скандалот дополнително е продлабочен откако Bloomberg објави мејлови што Манделсон му ги испраќал на Епстајн, нудејќи емотивна поддршка и ветување дека ќе контактира политички лица во негова корист.
„Мислам сè најдобро за тебе и се чувствувам беспомошно и бесно поради тоа што ти се случува“, напишал Манделсон во еден од мејловите.
Заменик министерот за надворешни работи, Стивен Доушти, пред парламентот изјави дека новите докази покажуваат дека „длабочината и обемот“ на односот меѓу Манделсон и Епстајн биле значително поголеми од она што било познато при неговото именување.
Овој скандал претставува нов удар за премиерот Стармер, кој веќе се соочува со критики за именувањето на Манделсон, и поставува прашања зошто амбасадорот бил поставен и покрај познатите врски со Епстајн.