Стармер: Западниот Балкан е „котел“ во кој се тестира безбедноста на Европа

Расизмот
The Prime Minister Sir Keir Starmer’s official portraits upon his official appointment by His Majesty The King. Picture by Simon Dawson/ No 10 Downing Street

Британскиот премиер Кир Стармер го опиша Западниот Балкан како „европски котел“ во кој се испитува стабилноста и безбедноста на континентот, отворајќи го самитот со лидерите од регионот што денеска се одржа во Лондон, пренесува Радио Слободна Европа.

Стармер е домаќин на лидерите на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, при што Велика Британија се стреми да постигне договори за намалување на бројот на нелегални мигранти и создавање центри за враќање на одбиените баратели на азил.

„Регионов често бил раскрсница на Европа, но и нејзино искушение – котел во кој се става на тест безбедноста на нашиот континент,“ изјави Стармер.

Главните теми на самитот се безбедноста, миграциите и економскиот раст, како и борбата против рускиот влијание и корупцијата.

Британскиот премиер потсети дека Западниот Балкан долго време бил транзитна рута за криминални мрежи и криумчари на луѓе, нагласувајќи дека е неопходна поголема регионална соработка за справување со организираниот криминал.

Самитот во Лондон е дел од Берлинскиот процес, дипломатска иницијатива започната во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел приближување на земјите од регионот кон Европската Унија.

Меѓу учесниците беа премиерите Христијан Мицкоски, Еди Рама, Албин Курти, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто, како и претставници на Германија, Франција и други членки на ЕУ.
По отворањето, британскиот крал Чарлс III приреди прием за учесниците на самитот.

Зачлени се на нашиот е-билтен