Го поздравувам разговорот меѓу претседателите на Кина, Си Џинпинг, и на Украина, Володимир Зеленски, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата со премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, во седиштето на Алијансата во Брисел.
-Важно е Кина подобро да ја разбере украинската позиција, додаде Столтенберг, истакнувајќи дека Пекинг се уште не го осудил рускиот напад врз Украина.
„Украина мора да одлучи кои се условите и форматите за мировни преговори. Секоја шанса за значајни преговори бара Украина да ја има потребната воена помош за да испрати порака до рускиот претседател Владимир Путин дека нема да победи на бојното поле. Решението може да се најде на преговарачка маса, но важно е она што се случува на фронтот“, истакна генералниот секретар на Алијансата.
Столтенберг смета дека е важно поддршката за Украина да продолжи и повторно инсистираше на тоа дека помошта ќе продолжи се додека е потребно.
Тој посочи дека 89 отсто од оклопните воени возила ветени на Киев се веќе испорачани, вклучително и 230 тенкови.
-Не треба да ја потценуваме Русија, бидејќи она што и недостига во квалитет, Москва се обидува да го надополни со квантитет, се регрутираат нови воени лица за борбени операции, објасни генералниот секретар.
Столтенберг најави дека земјите од НАТО веќе ја подготвиле украинската војска за девет борбени бригади, кои се очекува повратат дел од заземените територии од руска страна.