Сакаат да ја бранат Европа или бараат авантура, меѓу нив има и млади луѓе од Германија кои доброволно се пријавуваат да се борат на фронтот во Украина. Сепак, украинската армија не ги прифаќа сите заинтересирани, пишува Deutsche Welle.
Тенкови во движење, воени конвои, разрушени згради, постојани сирени за воздушна тревога и напади со дронови, тоа е суровaта реалност во делови од Украина. За мнозинството млади во Германија, доброволното заминување на боиште е незамисливо, но постојат и оние кои сакаат директно да ѝ помогнат на Украина во одбраната од руската инвазија.
Осумнаесетгодишниот Ноа од Дармштат е еден од нив. Ова лето завршил стручна матура за ИТ-техничар, а во слободно време развива апликации за пресметување траектории на проектили и управува со цивилни дронови. Тој сака да се приклучи на украинска единица за беспилотни летала.
„Повеќе би сакал да се приклучам на дрон-единица, бидејќи тоа поле ми е веќе делумно познато“, изјавил Ноа за Y-Kollektiv.
Свесен е дека воениот ангажман подразбира и одземање човечки животи. Според него, тоа се прави „поради повисока цел, зачувување на светскиот демократски поредок“, иако, како што признава, звучи сурово.
Дваесет и петгодишниот Франко веќе доброволно се бори во Украина. Првично сакал да помогне хуманитарно, но брзо сфатил дека на Украина не ѝ недостигаат занаетчии, туку војници. Како обучен мајстор, тој веќе две години е на боиштето.
Од групата со која дошол во Украина, денес повеќе никој не се бори. „Петмина загинаа, останатите се тешко ранети“, вели Франко, додавајќи дека сите биле од Европа.
Колку германски доброволци во моментов се борат во Украина не е познато. Според процените на украинските власти, станува збор за неколку стотици луѓе. Пријавувањето најчесто се одвива онлајн, меѓу другото преку Меѓународна легија за одбрана на Украина, а апликации нуди и специјалната единица Azov International Battalion.
Франко со претпазливост гледа на фактот што осумнаесетгодишници се пријавуваат за рововско војување. „Има такви кои немаат поим во што влегуваат. Затоа јасно им се кажува, тука можеш да го загубиш животот. Ова не е камп за обука“, вели тој.
Поради постојаната опасност од воздушни напади, единицата во која се наоѓа Франко е сместена на тајна локација во близина на Харкив, град кој е на само триесет километри од линијата на фронтот и речиси секојдневно е цел на напади со дронови.
Како и Франко, и Ноа отпатувал во Украина без знаење на родителите. Во еден кафе-бар во Киев се сретнал со регрутер на единицата Azov International. Иако единицата важи за елитна, Ноа по разговорот бил одбиен.
„Сега разговарам со дете, а не со војник“, му рекол регрутерот.
И покрај разочарувањето, Ноа не се откажува. Размислува да ѝ помогне на Украина на друг начин, на пример, преку работа во украинската индустрија за вооружување.