Страшна статистика: На секои 10 минути една жена била убиена од блиско лице до неа

Според Обединетите нации (ОН), цитирани од „Ле Монд“, на секои 10 минути минатата година некаде во светот, една жена била убиена од лице блиско до неа во 2024 година.

Околу 50.000 жени и девојки биле убиени од интимни партнери или членови на семејството во 2024 година, според Канцеларијата на ОН за дрога и криминал и ОН за жени во извештај објавен по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Според документот, 60% од жените убиени низ целиот свет биле убиени од партнери или роднини како што се татковци, чичковци, мајки и браќа. За споредба, само 11% од убиените мажи биле убиени од некој близок до нив. Бројката од 50.000 се базира на податоци од 117 земји и се сведува на околу 137 жени дневно, или приближно една жена на секои 10 минути. Вкупниот број е малку помал од оној за 2023 година, но тоа не значи вистинско намалување, според документот, бидејќи разликата главно се должи на достапноста на податоци во различни земји.

Во извештајот се нагласува дека фемицидите продолжуваат да одземаат десетици илјади животи на жени и девојчиња секоја година, без знаци на подобрување, и дека „домот продолжува да биде најопасното место за жените и девојчињата кои се изложени на ризик од убиство“. Нема регион во светот кој е ослободен од случаи на фемицид, но Африка повторно регистрираше најголем број жртви во изминатата година – околу 22.000.

„Фемицидите не се случуваат изолирано. Тие често се дел од синџир на насилство што може да започне со контролирање на однесувањето, закани и вознемирување – вклучително и онлајн“, рече Сара Хендрикс, директорка на Одделот за политика во ОН за жени.

Извештајот укажува дека технолошкиот развој ги интензивирал некои форми на насилство врз жените и девојчињата и создал нови, како што се споделување слики без согласност, откривање лични податоци (doxxing) и deepfake видеа.

„Потребно е да се спроведат закони што препознаваат како насилството се манифестира во текот на животот на жените и девојчињата – и онлајн и офлајн – и да се повикаат сторителите на одговорност пред насилството да стане смртоносно“, рече Хендрикс.

Зачлени се на нашиот е-билтен