Цената на златото денеска надмина 3.100 долари за унца, поттикната од загриженоста на инвеститорите дека најавените американски царини би можеле да ја зголемат инфлацијата и да го забават економскиот раст. На физичкиот пазар, златото достигна 3.117,29 долари за унца, додека во еден момент се искачи на 3.128,06 долари.
Фјучерсите на американскиот пазар исто така пораснаа за 1,1 отсто, достигнувајќи 3.151,10 долари за унца. Од почетокот на годината, цената на златото скокна за околу 18 отсто, додека во 2024 година порасна за 27 отсто, пред сè поради зголемената побарувачка од централните банки. Дополнителен поттик за растот доаѓа од најавата на претседателот Доналд Трамп за воведување реципрочни царини од среда, како и новите царини за увоз на автомобили.
„Побарувачката за злато ја одразува вознемиреноста на инвеститорите околу царините и нивното потенцијално влијание врз економскиот раст“, изјави Нитеш Шаг од WisdomTree. Традиционално, инвеститорите се насочуваат кон златото во време на економска и политичка нестабилност, а централните банки ги зајакнуваат своите резерви во услови на зголемени геополитички тензии.
Покрај златото, на пазарот имаше мешани движења кај другите благородни метали. Среброто забележа пад од 0,4 отсто, на 33,96 долари за унца, додека платината и паладиумот пораснаа за 0,8 отсто, достигнувајќи 991,55 и 979 долари за унца, соодветно.