„Чет-ГПТ“ станува сè поприсутна алатка во секојдневниот живот, а начинот на кој различните генерации ја користат оваа вештачка интелигенција открива интересни трендови. Извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, истакнува дека постојат впечатливи разлики меѓу генерациите.
Според него, повозрасните корисници го користат „Чет-ГПТ“ главно како понапредна верзија на пребарувачот „Гугл“, додека младите – особено студентите – го доживуваат како вистински оперативен систем за своето секојдневие.
– Тие го поврзуваат со различни датотеки, го консултираат за секојдневни обврски, а некои дури не носат ни важни животни одлуки без претходно да го прашаат „Чет-ГПТ“ – објаснува Алтман.
Тој додава дека има корисници кои на вештачката интелигенција ѝ доверуваат толку многу информации, што таа има целосен контекст за нивниот живот и разговори, што дополнително ја зголемува нејзината улога во процесот на одлучување.
Во февруари, „Опен АИ“ објави дека студентите во САД се најредовни корисници на „Чет-ГПТ“. Истражување на „Пју“ од јануари 2024 година покажува дека 26% од тинејџерите на возраст од 13 до 17 години го користеле за домашни задачи – двојно повеќе од минатата година.
Интересно е и тоа што, според Алтман, „Чет-ГПТ“ веќе пишува значителен дел од програмскиот код дури и во самата компанија „Опен АИ“. Тој не прецизира колкав е тој удел, но вели дека инженерите сè почесто се потпираат на алатката, исто како и илјадници програмери низ светот.
Извор: Business Insider