Студија: Во Велика Британија има најмногу вработени кои работат од дома

Британските работници продолжуваат да работат од дома повеќе отколку речиси насекаде во светот, пет години по почетокот на пандемијата на Ковид-19, која драстично го измени традиционалниот канцелариски живот. Ова го покажува студијата на Глобалното истражување на работните аранжмани (G-SWA), заснована на анкета спроведена меѓу работници ширум светот.

Според истражувањето, вработените во Обединетото Кралство во просек работат од далечина 1,8 дена неделно, што е повеќе од глобалниот просек од 1,3 дена. Анкетата опфати повеќе од 16.000 вработени со полно работно време и високо образование од Европа, Америка, Азија и Африка, пренесува Гардијан.

Хибридниот модел на работа – комбинирање на работа од дома и од канцеларија – е најзастапен во англофонските земји, како што се Велика Британија, САД, Канада и Австралија.

Наспроти тоа, во Источна Азија работата од далечина е сè уште реткост, поради силната канцелариска култура. Во Јапонија и Јужна Кореја, поголемиот дел од вработените со полно работно време сè уште секојдневно патуваат на работа.

И покрај обидите на некои големи компании – како „Амазон“ и „БлекРок“ – да ги вратат вработените во канцеларија со полно работно време, нивото на работа од дома во Велика Британија останува стабилно од 2023 година. Истражувачите ова го нарекуваат „рамнотежа на пазарот на трудот“.

Анкетата покажа дека родителите се посклони кон хибриден начин на работа, додека вработените без деца претпочитаат или целосно работа од дома или целосно канцелариски модел. Помладите испитаници изразиле поголема подготвеност за физичко присуство на работното место.

Резултатите се објавени по уште една анкета на универзитетот Кингс, според која само 42 отсто од работниците би се согласиле да се вратат во канцеларија со полно работно време – значителен пад во споредба со 54 отсто на почетокот на 2022 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен