Фотографијата што ги освои социјалните мрежи покажува како изгледа солидарноста на дело. Студентите од Србија, кои веќе неколку недели се на велосипедска тура од Нови Сад до Стразбур, конечно пристигнаа во францускиот град, каде ги пречекаа студенти од целиот свет – меѓу нив и еден насмеан млад човек од Судан, кој во рацете држи транспарент напишан на српска кирилица: „Прекардашило“.
Овој гест веднаш го привлече вниманието на јавноста. Се постави прашањето – кој е овој човек и како знае што се случува во Србија?
Sad je sve jasno. Bravo ❤️ pic.twitter.com/cbW0jm3wck
— Ana (@Nelogicanizbor) April 15, 2025
Одговорот го даваат самите студенти на Факултетот за технички науки од Нови Сад. Еден од нив, учесник во меѓународна образовна програма во германскиот Фрајбург, испратил мејл до целото училиште со детално објаснување на причините за протестот и моменталната состојба во Србија. Како резултат на тоа, група студенти од различни земји – од Судан, Чешка, Америка, Канада, Камерун и Норвешка – решија да дојдат во Стразбур и да им дадат поддршка на своите српски колеги.
Пречекот во Стразбур беше топол и емотивен. Студентите од Србија планираат да ги информираат европските институции за причините за нивната блокада и да им го предадат писмото кое го носат со себе повеќе од 1.400 километри.
Оваа приказна е уште еден доказ дека кога идејата е искрена и праведна – може да ги обедини и оние кои доаѓаат од сосема различни делови на светот.