Суд во Париз го прогласи француската филмска легенда Жерар Депардје (76) за виновен за сексуален напад врз две жени на филмски сет и го осуди на условна затворска казна од 18 месеци.
Актерот беше обвинет за несоодветно допирање на две жени за време на снимањето на филмот во 2021 година – сценографката, идентификувана на суд како Амели, и помошничката режисерка Сара. Депардје ги негираше обвиненијата за време на судењето.
Судот утврди дека сведочењето на сценографот било конзистентно, додека изјавите на актерот се менувале со текот на времето. Тој беше прогласен за виновен за напад врз двете жени.
Обвинителката Лорен Ги изјави за време на судењето: „Сосема е можно да се биде одличен актер и добар татко – и во исто време да се изврши кривично дело. Тука не судите француски филм. Го судите Жерар Депардје, како и секој друг граѓанин.“
На крајот од судењето, кое траеше шест недели, обвинителството побара условна затворска казна од 18 месеци, парична казна од 20.000 евра и запишување на актерот во регистарот на сексуални престапници.
Адвокатот на една од жртвите, Клод Винсент, го опиша Депардје како „женомразец“ и „пример за сексизам од учебник“.
Од друга страна, адвокатот на актерот, Џереми Асу, побара ослободителна пресуда и го обвини обвинителскиот тим дека се однесува повеќе како активисти отколку како адвокати.
„За нив, самата одбрана е нов напад. Тие не можат да поднесат дека има каква било одбрана“, рече Асу.
Инцидентите, наводно, се случиле во септември 2021 година, за време на снимањето на филмот „Les Wallets Verts“, во кој Депардје игра остарен актер кој се соочува со сопственото пропаѓање.
Ова беше прво судење поврзано со обвинувања за сексуален напад против Депардје, иако други жени претходно јавно изнесоа слични обвинувања, и не е исклучено актерот повторно да заврши на суд поради нив.
Депардје тврдел дека „можните допири“ можеби се случиле случајно, објави Би-Би-Си.
„Моето име е извалкано со лаги и навреди. Судењето е уникатно искуство за еден актер – толку многу гнев, полиција, медиуми. Како да сум во научнофантастичен филм, само што ова не е фикција. Ова е реалност“, рече тој.
Тој им се заблагодари на обвинителството и одбраната што му дадоа увид во функционирањето на правниот систем, додавајќи:
„Оваа лекција можеби ќе ми биде од корист еден ден ако играм адвокат.“
Депардје рече дека не работел во последните три години, откако обвинувањата станаа јавни. Сепак, на почетокот на овој месец се појави информација дека тој снима нов филм на Азорските Острови, во режија на неговата долгогодишна пријателка, актерката Фани Ардан.
Ардан зборуваше во своја одбрана за време на судењето: „Генијот – во каква било форма да се појави – носи во себе нешто диво, нескротливо и опасно. (Депардие) е и чудовиште и светец“.
Легендарната Брижит Бардо, која на 90-годишна возраст даде ретко интервју за француска телевизија, застана во одбрана на својата колешка, велејќи: „Талентираните луѓе кои допираат девојка по задникот се фрлаат во најдлабокото темно место. Феминизмот не е мојот свет. Ги сакам мажите“.