Сушата погоди 53 проценти од Европа и Медитеранот кон средината на мај

Повеќе од половина од европската почва (53 проценти) и медитеранскиот регион биле погодени од суша во средината на мај, според анализата на податоците од Европската опсерваторија за суша (EDO), по набљудувањето на периодот од 11 до 20 мај оваа година, пренесува Н1.

Kaко што се наведува, тоа е највисоката стапка забележана во тој период од годината од почетокот на набљудувањето во 2012 година. Таа е за 20 процентни поени повисока од просекот за 2012-2024 година, кога изнесувала 30 проценти.

Индикаторот на опсерваторијата за суша на Европската програма Коперник, врз основа на сателитски снимки, комбинира три параметри – врнежи, влажност на почвата и состојба на вегетацијата. Врз основа на ова, се утврдуваат три нивоа на суша – мониторинг, предупредување и тревога.

„Од 11 до 20 мај, 42 проценти од европската почва и медитеранскиот регион забележаа недостаток на влажност, што спаѓа под предупредувањето, а пет проценти беа во состојба на тревога, што значи дека вегетацијата се развива ненормално. Земјите во Северна, Источна и Централна Европа се особено погодени од високите стапки на предупредувања за суша. Така, 19 проценти од украинската територија е во состојба на тревога, а во други земји ситуацијата е загрижувачка, во Белорусија 17 проценти, Полска 10 проценти, Унгарија и Словачка по 9 проценти. На југ, стапките на тревога достигнаа или надминаа 20 проценти во Сирија, Кипар и палестинските територии“, се наведува во објавата.

Велика Британија ја забележала својата најтопла и најсушна пролет во последните повеќе од 50 години, кога помеѓу почетокот на март и крајот на мај паднаа само 128,2 милиметри дожд, соопшти вчера Британската метеоролошка служба. Тоа веќе влијае на земјоделците и водните резерви.

Англија ја имала својата најсушна пролет во последните повеќе од 100 години. Спротивно на тоа, Португалија и Шпанија беа поштедени во средината на мај, а нивната стапка на суша беше меѓу најниските со 0,2 проценти и 2,3 проценти. Во Франција, пак, помалку од една третина од територијата, 31 процент била погодена, главно северот од земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен