Светската банка ја именува Керол Мегеванд за нов менаџер за земјата за Косово и Северна Македонија, со мандат што започнува на 1 јули 2025 година.
Во рамките на својата нова улога, Мегеванд ќе го предводи ангажманот на Светска банка во двете земји, раководејќи со спроведувањето на Рамките за партнерство со земјата. Овие стратешки документи имаат за цел да ги поддржат Косово и Северна Македонија во нивните напори за создавање поконкурентни и попродуктивни работни места, унапредување на јавните услуги и вложување во човечкиот капитал, сè со цел забрзување на одржливиот економски раст и приближување кон животниот стандард на Европската Унија.
„Голема чест ми е што ја преземам оваа одговорна позиција и што ќе имам можност да работам во корист на граѓаните на Косово и Северна Македонија“, изјави Керол Мегеванд по повод назначувањето. „Клучниот предизвик за двете земји е обезбедување работни места и поттикнување на продуктивен придонес кон економскиот развој, со што ќе се создаде подобра иднина за сите.“
Мегеванд, француска државјанка, има повеќе од 20 години искуство во Светската банка, каде што се приклучи во 2002 година. Таа има водено комплексни развојни програми во Африка, Латинска Америка и Северна Африка, со силен фокус на меѓусекторски развој и добро управување. Нејзината последна позиција била раководител на програмата „Планета“ за регионот Магреб, со седиште во Рабат, Мароко.
Таа е магистер по земјоделска економија, како и по економија на животна средина и природни ресурси.