Светски берзи – Волстрит надомести половина од загубите

Минатата трговска недела донесе силно закрепнување на пазарите откако Доналд Трамп ја ублажи реториката околу трговската политика и односот кон гувернерот на Централната банка.

Индексот S&P 500 се закрепна за 4,6% и надмина 5.500 поени, со што ги преполови загубите кои претходно изнесуваа околу 10% од неговиот максимум во февруари. Индексот на технолошки акции, Nasdaq, скокна за 6,7% во текот на неделата, делумно благодарение на добрите корпоративни резултати на компанијата Alphabet.

Неделата започна со продолжен пад на пазарите поради растечките тензии околу новата американска трговска политика, но загриженоста на инвеститорите се прошири и кон прашањето за независноста на Централната банка, поради острите изјави од Белата куќа.

Економските советници на американската администрација признаа дека Трамп активно размислува за смена на Џером Пауел, чиј мандат истекува во мај следната година, дополнително на претходните месеци на притисок врз оваа независна институција да ја ублажи монетарната политика.

Сепак, самиот Трамп даде помирлива изјава во вторникот, иницирајќи солидно закрепнување на пазарите во продолжението на неделата:

„Немам намера да го сменам,“ изјави американскиот претседател, но додаде дека, според него, гувернерот на Федералните резерви би требало да биде поагилен во намалување на каматните стапки, „бидејќи сега е совршено време за тоа.“

До крајот на неделата, доларот зајакна во однос на еврото и кошницата на најзначајните светски валути, а приносите на обврзниците забележаа значителен пад.

Приносот на десетгодишните американски државни обврзници падна од 4,40% на 4,25%, додека приносот на триесетгодишните обврзници се намали на 4,70%, откако на почетокот на неделата се приближи до 5%.

И на фронтот на трговските тензии имаше извесно олеснување, кое помогна за закрепнување на берзите, иако состојбата останува нестабилна и полна со конфузни настани.

Иако имаше извештаи за напредок во односите меѓу САД и Кина, Пекинг ги демантираше гласините за планиран состанок, иако намали царински давачки за некои производи. Трамп повтори дека е подготвен да ги намали царините ако добие „значајни“ отстапки од кинеската страна.

На макроекономски план продолжија слабите резултати во услови на висока неизвесност.

Финалниот индекс на доверба на потрошувачите на Универзитетот во Мичиген падна во април на 52,2 поени, што е осум проценти помалку од претходниот месец, иако е нешто подобар од првичната проценка од 50,8 поени.

Што се однесува до инфлациските очекувања, испитаниците предвидуваат пораст на цените за 6,5% во текот на следната година, наспроти мартовското очекување од 5% — највисоко ниво од 1981 година.

И индексите за деловна активност не дадоа пооптимистична слика. Индексот PMI за услужниот сектор падна од 54,4 на 51,4 поени во април, блиску до границата од 50 поени што ја одвојува експанзијата од контракцијата.

Иако индустрискиот сектор забележа благо зголемување од 50,2 на 50,7 поени, вкупниот композитен PMI индекс падна од 53,5 на 51,2 поени.

Што следува?

Во тековната недела се очекуваат многу важни објави: резултатите на голем број компании, податоците за БДП за првото тромесечје, како и извештајот за пазарот на трудот за април.

Акциите на Tesla (TSLA) скокнаа околу 18% и покрај објавените послаби бизнис резултати од очекувањата. Компанијата бележи пад на приходите од автомобилскиот сегмент за 20% и 71% намалување на нето-профитот. Сепак, најавата за лансирање на роботакси возила во јуни и најавеното намалено ангажирање на Маск во американската политика ја поддржаа цената на акцијата.

Губитник на неделата

Акциите на американската телекомуникациска компанија T-Mobile (TMUS) паднаа за 11,2%, и покрај солидните квартални резултати и зголемените прогнози за годината. Причина за падот е послабиот раст на постпејд корисниците од очекувањата и најавата за потенцијално зголемување на цените ако трговската политика ги поскапи телефоните. Сепак, на годишно ниво, акциите на T-Mobile бележат раст од околу 42%, надминувајќи го учинокот на индексот S&P 500.

Зачлени се на нашиот е-билтен