Светските берзи: Волстрит го продолжи опоравувањето благодарение на технолошкиот сектор

Во текот на сите пет трговски денови минатата недела, американскиот берзански пазар бележеше растечки тренд, поддржан од позитивна реторика околу царинските прашања и добри резултати на големите технолошки компании.

Индексот S&P 500 порасна за 2,9% неделно и сега е во минус од само околу 3% од почетокот на годината. Индексот на технолошки акции Nasdaq забележа дополнителен раст од 3,4% во неделата на објави од големите играчи од ИТ секторот.

Првпат по ескалацијата на трговските тензии, официјален Пекинг соопшти дека ги разгледува понудите од американската страна – сигнал што може да ја отвори вратата за преговори меѓу двете најголеми светски економии.

Ова доаѓа по серија нејасни изјави од двете страни, каде ниту една не сакаше да биде првата што ќе попушти. Претходно, Кина остро одговори на воведувањето строги американски царини, што практично ја замрзна трговската размена меѓу двете земји.

Американскиот БДП и монетарната политика

Податоците за американскиот БДП за првиот квартал покажуваат дека новите царински политики имаат последици врз економската активност. БДП-то ослабна со приспособена стапка од 0,3%, наспроти очекуваните 0,4%, главно поради рекордниот раст на увозот, кој одзеде над 5 процентни поени од вкупниот раст.

Иако приватните инвестиции и личната потрошувачка останаа солидни, не успеаја да го компензираат најголемиот раст на увозот од 1974 година наваму.

Овие податоци испраќаат мешани сигнали до Федералните резерви пред состанокот оваа недела. Иако негативниот раст би можел да поттикне намалување на каматните стапки, инфлациските податоци укажуваат дека стапките треба да останат непроменети.

Моментално, пазарот со 97% веројатност очекува каматната стапка да остане на 4,25–4,50%, а шансите за намалување во јуни се значително намалени.

Пазар на труд и резултати на технолошките компании

Извештајот за пазарот на труд покажува отпорност – во април биле додадени 177.000 нови работни места, нешто помалку од 185.000 во март, но далеку над очекуваните 133.000. Стапката на невработеност остана стабилна на 4,2%.

Неколку големи технолошки компании објавија квартални резултати. Microsoft и Meta ги надминаа очекувањата со силни прогнози за бизнисот. Amazon и Apple, пак, не ги задоволија инвеститорите поради потенцијалното влијание на царините.

Apple би можел да изгуби речиси милијарда евра во тековниот квартал, а очекува раст од „ниски до средни едноцифрени стапки“. Amazon се соочува со намален промет и помалку рекламирање, слично како Alphabet и Snap.

Добитник на неделата: Microsoft (MSFT)

Акциите пораснаа за околу 12% на 435 долари, благодарение на растот на „cloud“ бизнисот. Приходите од Azure скокнаа за 33%, над очекуваните 30,3%, а се очекува да достигнат 34–35% во следниот квартал.

Губитник на неделата: Apple (AAPL)
Акциите паднаа за 4% поради загриженост дека компанијата нема ефективно да се справи со зголемените царини. Продажбата во Кина опадна по седми квартал по ред.

Зачлени се на нашиот е-билтен