Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

СЗО: Богатите држави мора да направат повеќе во борбата против пандемиите

Од богатите земји треба да се побара да придонесат повеќе за да му се помогне на светот да се справи со пандемии, се вели во новиот нацрт-документ за кој се преговара во Светската здравствена организација.

Земјите со поголем „капацитет и ресурси“ треба да сносат „пропорционален степен“ на одговорност за подготовка и одговор на глобалните здравствени закани, се наведува во документот.

Целта на документот, правно обврзувачки договор за кој преговараат земјите-членки на СЗО, е да се посвети на „катастрофалниот неуспех“ на меѓународната заедница подеднакво да се справи со Ковид-19 ширум светот, пишува Ројтерс.

Од коронавирусот починаа околу седум милиони луѓе откако се појави во Кина кон крајот на 2019 година, парализирајќи ја глобалната економија и уништувајќи ги заедниците. Пријавени се повеќе од 750 милиони заразени. Документот од 42 страници има за цел да го направи светот повеќе одговорен во иднина.

Земјите-членки имаат опција да отстранат одредени параграфи од документот во идните преговори, вклучително и оние за одговорностите.

Деловите што се покажаа контроверзни во претходните нацрти, вклучително и оние за интелектуална сопственост и правото на 20 проценти од тестовите, третманите и вакцините што СЗО ќе ги дистрибуира до посиромашните земји за време на кризи, остануваат во новиот нацрт, но може да бидат отстранети.

Таква ставка за пандемиски контрамерки не постоеше за време на коронавирусот. Клаузулата од претходниот нацрт, со која се обврзуваа фармацевтските компании детално да ги изнесат во јавност нивните договори со владите, се чини дека е отфрлена.

Документот, исто така, ја дефинира „пандемијата“ – една од неколкуте спорни точки што веќе одземаа значително време во текот на преговорите – како „глобално ширење на патоген или варијанта“ што брзо се шират, кои се опасни, ги оптоваруваат здравствените системи и бараат меѓународна координација.

Документот треба да биде завршен до 2024 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен