СЗО со историски договор за справување со идни пандемии, САД се повлекоа од процесот

По повеќе од три години интензивни преговори, земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) постигнаа договор за подготовка на светот за идните пандемии. Како што соопшти СЗО утрово, станува збор за правно обврзувачки документ чија цел е значително да се зајакне глобалниот одговор на заканите од нови патогени.

Договорот предвидува низа мерки за превенција, рано откривање и брзо реагирање при идни здравствени кризи. Меѓу клучните елементи се:

обезбедување еднаков пристап до патогени за научни истражувања,

воспоставување глобални системи за размена на информации,

градење на истражувачки капацитети низ различни региони,

и развој на глобален синџир на снабдување и логистичка мрежа, која ќе обезбеди побрза и поефикасна дистрибуција на медицински материјали.

„Ова е голем чекор напред во напорите да се направи светот побезбеден од пандемии“, стои во соопштението на СЗО.

Овој договор доаѓа по тешките искуства од пандемијата на КОВИД-19, која однесе милиони животи од 2020 до 2022 година. СЗО се надева дека новиот механизам ќе овозможи поефикасна и поправедна реакција при идни здравствени закани.

Сепак, договорот се случува во период на намалена поддршка за мултилатералните организации. САД, кои учествуваа во почетните фази на преговорите, се повлекоа од процесот по извршната наредба на претседателот Доналд Трамп во февруари годинава, со која САД се повлекоа и од членството во СЗО.

Предлог-договорот ќе биде официјално разгледан на претстојниот состанок на Светското здравствено собрание во мај.

„Ова е историски момент. Докажавме дека, и без присуството на САД, меѓународната заедница е способна за заедничка акција и одлучност. Ова е победа за мултилатерализмот“, изјави за Reuters Нина Швалбе, основач на тинк-тенкот Spark Street Advisors.

Зачлени се на нашиот е-билтен