Тајната служба го испрашуваше поранешниот шеф на ФБИ поради објава на Инстаграм со бројот 8647 – се сомневаат на прикриена закана кон Трамп

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, бил повикан на сослушување од страна на Тајната служба на САД, откако на својот Инстаграм-профил објавил фотографија која предизвика бурни реакции кај поддржувачите на Доналд Трамп. Повикот уследил откако Коми на својот профил објавил фотографија од школки наредени во песокот така што формираат бројка „8647“, со опис: „Одлични школки на мојата прошетка по плажата“.

Иако на прв поглед невина, објавата била протолкувана како заканувачка порака упатена кон поранешниот и, веројатно, иден претседател Доналд Трамп. Бројот 86, во американскиот сленг, често се користи како термин што означува отстранување, исклучување или елиминирање некого – додека бројот 47 се однесува на редниот број на претседателската функција која Трамп повторно ја посакува, како 47-ми претседател на САД.

Тајната служба, која е надлежна за безбедноста на претседателот, го испрашувала Коми во петокот попладне во Вашингтон. Разговорот, кој траел околу еден час, бил доброволен – Коми се одѕвал на барањето без отпор. По состанокот, тој ја избришал објавата од Инстаграм и преку портпарол испратил појаснување дека „не се залага за насилство и дека не бил свесен за толкувањата на пораката“.

Но, Доналд Трамп директно го обвини Коми за повик на негово убиство. „Тој точно знаеше што прави“, изјави Трамп за Fox News пред да го напушти Абу Даби, каде престојуваше во четиридневна посета. Според него, Коми пратил „шифрирана порака“ до своите следбеници.

И други јавни личности застанаа зад ова толкување. Поранешната конгресменка и директорка на Националното разузнавање, Тулси Габард, изјави дека објавата е „прикриен повик за акција“ против Трамп. Таа додаде дека бројот „8647“ е веќе користен како политички слоган од опонентите на Трамп, слично како што некои републиканци го користеле слоганот „8646“ во контекст на отповикување на Џо Бајден, 46-тиот претседател на САД.

Директорот на Тајната служба, Шон Куран, веќе ја започнал истрагата за потенцијалната закана, а државната обвинителка Пам Бонди ќе ја разгледува можноста за покренување постапка против Коми.

Инаку, Џејмс Коми беше отпуштен од функцијата директор на ФБИ во 2017 година, на почетокот од првиот мандат на Доналд Трамп. Тој тогаш ја водеше истрагата за евентуалното руско мешање во претседателските избори во 2016 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен