Сигурносната придружба на американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс минатата недела побарала зголемување на нивото на реката во Охајо за да му се овозможи излет со кајак за него и неговото семејство по повод прославата на неговиот 41. роденден на 2 август, пишува CBC News.
Ванс тврди дека не знаел за барањето
Американската Тајна служба потврди дека побарала зголемен проток на вода во реката Литл Мајами за да обезбеди нивните моторни пловила и персоналот за итни случаи „да можат безбедно да делуваат“ додека го штитат републиканскиот потпретседател, чиј дом се наоѓа во Синсинати.
Инженерискиот корпус на американската војска соопшти дека привремено го зголемил истекувањето на вода од езерото Сизар Крик во реката Литл Мајами „за да ја поддржи безбедната пловидба на персоналот на американската Тајна служба“. Тие наведоа дека потегот ги задоволил оперативните критериуми и дека е во рамки на вообичаената пракса. „Утврдено е дека операциите нема да имаат негативно влијание врз нивото на водата низводно или нагоре по течението“, стои во соопштението на корпусот. „Засегнатите страни низводно беа однапред известени за мало зголемување на истекувањето, што се случи на 1 август.“
Портпаролката на Ванс, Тејлор Ван Кирк, изјави дека потпретседателот не бил свесен за зголемувањето на нивото на реката. „Тајната служба често применува заштитни мерки без знаење на потпретседателот или неговиот персонал, како што беше случајот изминатиот викенд“, порача таа.
Критики за трошење јавни средства
Овој потег предизвика и критики. Ричард В. Пејнтер, поранешен главен етички адвокат на Белата куќа за време на претседателот Џорџ В. Буш, на „X“ напиша дека е „скандалозно што Инженерискиот корпус на армијата троши пари од даночните обврзници за зголемување на протокот на вода во реката за [потпретседателот] да може да оди со кану, кога буџетските кратења на Националната служба за паркови сериозно влијаеле врз семејните одмори на сите останати“. Демократскиот пратеник Ерик Сволвел на „X“ коментираше: „Растечката плима го крева само бродот на Џеј Ди Ванс.“
Инцидентот потсетува на случај од 1999 година, кога тогашниот потпретседател Ал Гор веслал по реката Конектикат за фотографирање, а службениците ја отворија браната и испуштија речиси 15 милијарди литри вода за да го подигнат нивото на реката. И тој барање дошол од Тајната служба, а Гор се соочил со политички последици, иако неговата кампања тврдела дека тој не побарал испуштање на водата.
Ванс, кој е роден и израснат во Охајо, стана познат по објавата на своите мемоари „Hillbilly Elegy“ во 2016 година. Неговите неодамнешни патувања со семејството исто така привлекоа внимание од јавноста. За време на посетата на Италија, римскиот Колосеум бил затворен за јавноста за неговата сопруга Уша и нивните деца да ја обиколат знаменитоста, а Таџ Махал исто така бил затворен за време на нивната посета на Индија.
Ванс во петокот во Лондон се сретна со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, по што замина на семеен одмор во Котсволдс.