Танкер се запалил по ракетен напад во близина на Јемен

Брод во Заливот на Аден е зафатен од пожар откако бил погоден од проектил, соопшти британската воена мисија за морска трговија (UKMTO).

Според првичните информации, се сомничи дека нападот е изведен со ракета лансирана од територија под контрола на Хутите во Јемен.

UKMTO соопшти дека инцидентот се случил околу 235 километри оддалеченост од градот Аден. Екипажот на бродот пријавил дека видел „плесок и чад“ непосредно по лансирањето.

„Брод е погоден од непознат проектил и е пријавено дека е зафатен од пожар,“ наведуваат од центарот, повикувајќи ги сите пловила во регионот на претпазливост. И приватната безбедносна компанија Ambrey го потврдила нападот.

Иако Хутите засега не ја презедоа одговорноста, тие често го прават тоа со задоцнување. Во последните две години тие изведуваат ракетни и дронски напади врз бродови и цели поврзани со Израел, како и врз сам Израел, тврдејќи дека делуваат во знак на солидарност со Палестинците поради војната во Газа.

Нападите сериозно го нарушија меѓународниот транспорт преку Црвеното Море – рута низ која пред војната минуваше стока вредна околу еден трилион долари годишно.

Во јули, Хутите потопија два брода, при што загинаа најмалку четири членови на екипажите, а неколкумина се сметаат за исчезнати или заробени.

Зачлени се на нашиот е-билтен