Тарифите на Трамп проблем и за филмската индустрија: Австралијците го повикуваат Мел Гибсон на помош

Официјални претставници од Соединетите Американски Држави и Кина постигнаа 90-дневен договор за намалување на царините, кои претходно беа најавени на 145, односно 120 проценти. Сепак, царината од 30% за кинеските стоки што влегуваат во САД останува на сила, исто како и царината од 10% за американските производи што се извезуваат во Кина.

Меѓутоа, новиот трговски конфликт би можел да остави последици и врз филмската индустрија. Претседателот Доналд Трамп најави можност за воведување царини за сите филмови што пристигнуваат од странски продукции.

Како реакција на ова, Австралијците му се обратија на Мел Гибсон, кој во моментов има улога на специјален советник на Трамп за филмската индустрија, надевајќи се дека ќе посредува и ќе го убеди американскиот претседател да се откаже од ваквата мерка.

Во Австралија очекуваат Гибсон да постапи како во своите филмови: да ги победи „лошите момци“ и да го реши проблемот. Овој пат, велат, треба само да му шепне на Трамп – да не ги уништува странските филмски индустрии со новите давачки.

Австралиската филмска индустрија, вредна 650 милиони долари, би можела да биде сериозно загрозена доколку се воведат царини на филмови што не се произведени во САД.

„Ова е глобална индустрија. Гибсон моментално снима филм во Италија и ќе мора да плати 100% данок за да го прикаже во Америка. Тоа е апсурдно. Се надевам дека Трамп ќе ја прифати пораката – особено ако доаѓа од советници како Гибсон,“ изјави Кејт Карнел од здружението Филмски продуценти на Австралија.

Иако е роден во Америка, Гибсон ја започна својата актерска и режисерска кариера токму во Австралија, па таму постои надеж дека ќе помогне во спречување на можна економска и културна криза.

Иако беше именуван за специјален амбасадор во Холивуд, сè уште не е јасно што точно подразбира таа функција и какво е неговото влијание врз одлуките на администрацијата.

Од своја страна, Трамп тврди дека 100-процентната царина на странски филмови е неопходна, бидејќи според него, странските продукции, со поддршка од своите држави, ја потиснуваат американската филмска индустрија.

„Бројот на американски филмови што се снимаат и монтираат во Австралија постојано расте, токму поради поволните услови. Владата таму инвестираше во изградба на современи филмски студија низ целата земја,“ додава Карнел.

Филмската индустрија предупредува дека потенцијалните царини може да резултираат со губење на голем број работни места и значителен економски удар врз локалните заедници.

Зачлени се на нашиот е-билтен