Резервоарите што го снабдуваат Техеран со вода речиси се испразнети и главниот град на Иран се соочува со можен недостаток на вода за пиење. Ограничувањето на употребата на вода веќе започна во одредени делови на градот, а протокот во чешмите е намален или во целост прекинат, пренесе Sky News.
Како што се наведува, браната Караџ, која обезбедува една четвртина од водата за пиење во градот, моментално е полна само осум проценти.
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, ги повика граѓаните да штедат вода, предупредувајќи дека Техеран или барем одделни делови од него можеби ќе бидат принудени на евакуација.
Според податоците на Националниот центар за прогнозирање на времето, периодот од септември до ноември бил најсушниот во последните 50 години, со врнежи 89 проценти под долгорочниот просек.
Комбинацијата од ниски врнежи и високи температури трае повеќе од пет години, оставајќи ја земјата драстично исушена. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии, бројот на жители во Техеран речиси се удвоил – од 4,9 милиони во 1979 година на 9,7 милиони денес.
Потрошувачката на вода растела уште побрзо, од 346 милиони кубни метри во 1976 година на денешни 1,2 милијарди кубни метри.
За да ги надополни резервите, Техеран последниве години мораше да се потпре на природните подземни водоносни слоеви, кои обезбедуваат меѓу 30 и 60 проценти од водата за пиење.

