Терористички напад во Иран: Осум загинати во напад на судска зграда

Најмалку осум лица, меѓу кои петмина цивили и тројца напаѓачи, загинаа денеска во напад на судска зграда во градот Захедан, во југоисточниот дел на Иран, соопштија правосудните власти.

Според информациите, непознати вооружени лица упаднале во судски центар во главниот град на провинцијата Систан и Белуџистан, при што отвориле оган и предизвикале хаос. Во нападот се повредени најмалку 13 лица.

Државната новинска агенција ИРНА потврди дека безбедносните сили убиле тројца од напаѓачите. Одговорноста за нападот ја презеде сунитската екстремистичка група Џаиш ал-Адл.

Провинцијата Систан и Белуџистан, која се граничи со Пакистан и Авганистан, е еден од најнестабилните региони во Иран. Населена претежно со припадници на сунитското малцинство Балуџи, областа често е сцена на вооружени конфликти меѓу иранските сили за безбедност и различни милитантни и сепаратистички групи.

Жителите на овој регион со години изразуваат незадоволство поради, како што велат, политичка маргинализација и економска запоставеност. Иранските власти пак, редовно ги обвинуваат овие групи за поврзаност со странски сили и за вмешаност во шверц и вооружени активности.

Зачлени се на нашиот е-билтен