Терористички напад во Колорадо: Молотови коктели беа фрлени врз учесниците на митингот во поддршка на израелските заложници

Во градот Болдер, во американската држава Колорадо, осум лица беа повредени кога маж нападнал учесници на маршот во поддршка на израелските заложници што сè уште ги држи Хамас во Газа.

Напаѓачот, идентификуван како 45-годишниот Мухамед Сабри Солиман, фрлил молотови коктели и користел импровизиран фрлач на пламен, извикувајќи „Слобода за Палестина“. Меѓу повредените има лица на возраст од 67 до 88 години, а неколку од нив претрпеле тешки изгореници.

ФБИ го окарактеризира инцидентот како „целен чин на насилство и терористички напад“, а напаѓачот бил уапсен на лице место додека сè уште носел шишиња со запалива течност и фитили, пишува Би-Би-Си.

Инцидентот предизвика остри реакции од израелските власти. Министерот за надворешни работи Гидеон Саар го нарече нападот „чист антисемитизам“, додека амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, рече дека станува збор за „терористички чин“.

Претседателот на Еврејските федерации на Северна Америка ги повика американскиот Конгрес и администрацијата да ги зголемат безбедносните мерки околу еврејските институции.

Нападот се случил за време на митингот организиран од здружението „Трчај за своите животи“, основано од израелската дијаспора во САД, со цел да се потсети јавноста на судбината на израелските заложници. Учесниците на тие собири низ Северна Америка и Европа носат црвени маици и знамиња на земјите чии граѓани се уште се притворени во Газа.

Нападот во Болдер е трет сериозен инцидент во последните два месеци со изразени антиизраелски мотиви. Во април, резиденцијата на гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, беше запалена, а во мај, двајца млади вработени во израелската амбасада беа убиени во Вашингтон. Напаѓачот од тој случај се предаде на полицијата извикувајќи „Слобода за Палестина!“.

Зачлени се на нашиот е-билтен