Регистрацијата на нови автомобили во Европската унија (ЕУ) во првите три месеци од годинава е намалена за 1,9 отсто во споредба со истиот период лани, соопшти денеска Српската асоцијација на увозници на нови возила, повикувајќи се на податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Продадени се 2.715.008 автомобили, што е за 53.974 помалку отколку во првиот квартал од 2024 година, кога беа регистрирани 2.768.982 возила.
Во првиот квартал од 2025 година, продажбата на нови електрични автомобили порасна за 23,9 отсто и изнесува 412.997 возила, што претставува 15,2 отсто од вкупниот пазарен удел во ЕУ.
Регистрациите на приклучни хибридни возила (plug-in hybrids) се зголемени за 1,1 отсто и изнесуваат 207.048 возила. Овој раст е главно поттикнат од значително зголемување на продажбата на клучните пазари како Германија (+41,8%) и Шпанија (+30,7%).
Како резултат на тоа, приклучните хибриди сега претставуваат 7,6 отсто од вкупната регистрација на нови автомобили во ЕУ, во споредба со 7,4 отсто во истиот период од 2024 година.
Со досега регистрирани 779.817 нови бензински автомобили, нивниот пазарен удел падна на 28,7 отсто, во споредба со 35,5 отсто минатата година.
Слично на тоа, пазарот на дизел возила бележи опаѓање од 27,1 отсто, при што дизел автомобилите сега имаат пазарен удел од 9,5 отсто во првиот квартал од годинава.
Двојноцифрен пад на регистрацијата на дизел возила е забележан на поголемиот дел од пазарите во ЕУ. Во првиот квартал се продадени 258.728 дизел автомобили, додека истиот период лани биле продадени 354.755.