Тој беше еден од ретките што ја предвиде кризата од 2008 – сега има нова прогноза: Ова е крајот на Америка, три нови сили ја преземаат контролата

Американскиот берзански пазар ги има зад себе своите најдобри денови, а во следниот период се очекува натамошен пад на цените на акциите, државните обврзници и доларот – предупредува Кристофер Вуд, главен стратег за акции во финансиската група Џефрис.

Кристофер Вуд е ветеран во финансиската индустрија со долга кариера во финансиско новинарство и анализа на пазарите. Најпознат е по своето независно размислување и детални прогнози.

Тој беше еден од ретките што навреме предупредија на пукањето на американскиот пазар на високоризични хипотекарни кредити – ланец на настани што ја предизвика најголемата глобална финансиска криза по Големата депресија во 2008 година.

Сега, Вуд предупредува дека американската берза го достигнала својот врв на крајот на декември. „Америка го достигна својот историски зенит“, изјави тој, споредувајќи ја ситуацијата со јапонскиот пазар во 1989 година.

„Доларот влегува во фаза на долгорочно слабеење“

Според него, ова ќе доведе до намалување на пазарната капитализација на американските акции во однос на остатокот од светот. Вуд советува инвеститорите да ги диверзифицираат своите портфолија преку вложувања во Кина, Индија и Европа.

Неговиот песимистички став кон американскиот пазар се поклопува со сè поголемиот глобален скептицизам кон доминацијата на САД, особено имајќи ја предвид хаотичната царинска политика на претседателот Доналд Трамп.

Американските акции губат здив

Иако американските акции сочинуваат околу 60–70% од глобалната пазарна капитализација, нивниот реален економски придонес не е пропорционален со таа бројка, посочува Вуд.

„Ова е исклучително висока проценка во споредба со другите пазари. Јапонските акции исто така беа преценети кон крајот на 1989 година“, вели тој.

Американските акции се блиску до т.н. „мечкин пазар“ – состојба во која цените паѓаат за повеќе од 20% од својот максимум, што често се смета за знак на сериозна корекција или почеток на рецесија. И покрај тоа што индексот S&P 500 се делумно опорави од последните падови, тој и понатаму е во минус од 8,6% од почетокот на годинава.

Тоа е далеку послабо од европските и кинеските берзи, кои покажаа подобри и постабилни резултати во истиот период.

Вуд дополнува: „Не пропаѓаат само САД – туку Европа, Кина и Индија се во подем.“

Според Вуд, мнозинството меѓународни инвеститори сè уште не се доволно отворени кон индискиот пазар. „Секој што вложува во земји во развој има некакво учество во Индија. Но, мислам дека глобалните фондови треба уште повеќе да инвестираат таму.“

Зачлени се на нашиот е-билтен