Најмалку две деца на возраст од 8 и 10 години загинаа, а 17 лица – меѓу кои 14 деца – беа повредени во вооружен напад за време на миса во католичкото училиште „Annunciation“ во Минеаполис, соопшти полицијата.
Според првичните информации, напаѓачот, млад маж во раните 20-ти години, облечен во црно, пристапил кон црквата околу 8:30 часот и почнал да пука со пушка низ прозорците кон децата и верниците кои биле во клупите. „Овој намерен чин на насилство е знак на суровост што е тешко да се поими“, изјави полицискиот шеф Брајан О’Хара.
Полицијата потврди дека осомничениот дејствувал сам и дека е мртов. Иако имало пријави за експлозивни направи, инспекцијата на теренот не утврдила присуство на бомби, освен едно средство налик на чадна бомба.
Од локалниот здравствен систем известија дека на лекување се примени 11 пациенти, од кои 9 деца на возраст меѓу 6 и 11 години. Четири лица морале да бидат подложени на хируршка интервенција, а дел од децата се во критична состојба. „Досега немаме дополнителни смртни случаи меѓу пациентите кои се кај нас“, изјави д-р Томас Вајат од Хенепинската болница.
По нападот, учениците биле згрижени во објектот и таму се одвивала нивната реунификација со родителите. Сцените пред училиштето биле исполнети со вознемирени семејства и плачливи прегратки.
Полицијата сè уште ја истражува позадината и евентуалниот мотив на напаѓачот.