Во северозападниот турски град Гебзе, во провинцијата Коџаели, утрово се урна седумкатна станбена зграда, при што загинаа две деца, а едно лице беше извлечено живо од урнатините.
Според информациите на гувернерот Илхами Акташ, во зградата во моментот на несреќата живеело петчлено семејство. Спасувачите успеале да ја извлечат жива 18-годишната ќерка, додека телата на две деца биле пронајдени без знаци на живот.
A residential building collapsed in #Kocaeli. According to preliminary reports, citizens are trapped under the rubble.#Turkey pic.twitter.com/IgNcoGlOAI
— Karina Karapetyan (@KarinaKarapety8) October 29, 2025
Причините за уривањето засега не се познати. На терен се распоредени полициски екипи, пожарникари, спасувачи и членови на Администрацијата за цивилна заштита.
Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, изјави дека операцијата ја координираат гувернерот и градоначалникот на Гебзе, а во неа учествуваат 147 спасувачи, меѓу кои 80 припадници на цивилната заштита, како и волонтери.
Во потрагата се користат две обучени кучиња трагачи, осум уреди за детекција на лица под урнатини, два дрона и 52 возила.
Гебзе, град со околу половина милион жители, и претходно бил погоден од катастрофи – во земјотресот од 1999 година со јачина од 7,6 степени во овој регион загинаа над 18 000 лица.
Извор: 360степени
