Американскиот претседател Доналд Трамп изјави вчера дека САД се „блиску до тоа“ да стават крај на суспензијата на размена на разузнавачки информации со Украина и дека очекува добри резултати од претстојните разговори со украинските претставници во Саудиска Арабија, штотуку пренесе Ројтерс.
Запрашан дали ќе размисли за ставање крај на суспензијата, Трамп рече: „Блиску сме да го имаме тоа“.
Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, во средата изјави дека САД го прекинале споделувањето разузнавачки информации со Украина, со што беше извршен притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да соработува со Трамп за свикување мировни преговори со Русија.
Суспензијата, која може да чини животи со тоа што драстично се намалува способноста на Украина да се брани од руски ракетни напади, уследи по прекинот на американската воена помош за Киев.
Американските власти во вторник ќе се сретнат со украинска делегација во Саудиска Арабија, делумно за да утврдат дали Украина е подготвена да направи материјални отстапки за Русија за да ја прекине војната. Исто така, над разговорите во Џеда виси судбината на договорот за минерали меѓу Вашингтон и Киев.
Трамп изрази оптимизам за разговорите. „Ќе направиме многу напредок, верувам, оваа недела“, рече тој.
Зеленски и Трамп требаше да го потпишат договорот за минерали – кој ќе им овозможи на САД пристап до одредени минерални ресурси во Украина – пред посетата на Зеленски во Белата куќа да избувне во судир меѓу двајцата лидери, по што тој не беше потпишан.
Трамп во неделата рече дека мисли дека Украина ќе го потпише договорот за минерали, за кој Украина сака да содржи американска безбедносна гаранција.
„Тие ќе го потпишат договорот за минерали, но јас сакам да сакаат мир… Тие не го покажаа тоа до степен до кој треба“, рече тој.
Трамп, исто така, рече дека неговата администрација разгледува различни работи во однос на царините за Русија и дека претставниците на администрацијата не се загрижени за воените вежби во кои учествуваат Русија, Кина и Иран.