Американскиот претседател Доналд Трамп добил сандак кавијар од црвен лосос од Хабаровскиот регион, соопшти Министерството за индустрија и трговија на овој руски регион.
Според соопштението, деликатесот му бил подарен на Трамп од страна на главниот американски преговарач Стив Виткоф, откако тој претходно го пробал кавијарот за време на ручек во московскиот ресторан „Сава“, во пресрет на разговорите со рускиот претседател Владимир Путин. Информацијата ја пренесува руската новинска агенција РИА Новости.
Се наведува дека црвениот кавијар, произведен во фабрика за преработка на риба во селото Чнирах, во Николаевскиот округ, му се допаднал на Виткоф, кој изјавил дека и претседателот Трамп треба да го вкуси.
„По коментарот на специјалниот пратеник на американскиот претседател, му беше подарен цел сандак кавијар, кој тој потоа му го достави на Доналд Трамп“, објави Министерството за индустрија и трговија на Хабаровскиот регион на својот Телеграм-канал.
Во соопштението се додава дека кавијарот во фабриката во селото Чнирах се соли и пакува рачно.