Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, според сите индикации, почнува да го губи трпението со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај тоа што Путин нуди средба лице в лице со цел да се стави крај на војната во Украина.
Минатата недела, Трамп разгледувал можност да отпатува во Турција за да се сретне со Путин на маргините на разговорите меѓу руските и украинските официјални претставници. Но, непосредно пред почетокот на преговорите, Кремљ соопшти дека Путин нема да присуствува и дека наместо него ќе испрати пониски функционери.
Ова го навело американскиот државен секретар Марко Рубио, кој се наоѓал во Турција за разговори за европската поддршка на Украина, да го откаже учеството на средбата. Подоцна Рубио изјави дека „единствениот начин“ да се стави крај на војната е средба помеѓу Трамп и Путин, изјава што дополнително ги зголеми тензиите и го покажа незадоволството на Вашингтон од одолговлекувањето на Москва.
Иако Путин тврди дека му е важна подобра релација со САД, тој досега покажал многу мала подготвеност за отстапки кога станува збор за Украина.
Од друга страна, Трамп е критичен кон американската воена поддршка за Украина и сака да ги обнови деловните односи со Русија. Тој ја гледа војната како непотребно деструктивна – и по луѓето и по инфраструктурата.
„Владимире, ПРЕСТАНИ!“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social по рускиот напад на Киев минатиот месец, при што загинаа 12 цивили, а многумина беа повредени.
Во саботата, Трамп најави дека денес ќе разговара телефонски со Путин за ситуацијата во Украина. Но, рускиот лидер упорно ги одбива повиците на Трамп за прекин на огнот.
„Мора да се сретнеме“, изјави Трамп во петокот од претседателскиот авион Air Force One, по последното одбивање на Путин.
Овој обид на Трамп да обезбеди средба со Путин носи и политички ризик, имајќи ја предвид неговата историја на благонаклонетост кон рускиот претседател – која датира од неговиот прв мандат. Во 2018 година, Трамп јавно го поддржа Путин кога тој негираше вмешаност во американските избори од 2016 година, и покрај спротивните извештаи на американските разузнавачки служби.
„Претседателот Путин денес беше многу силен и убедлив во своето негирање“, изјави Трамп тогаш на заедничка прес-конференција. Подоцна напиша: „За да изградиме посветла иднина, мора да соработуваме – како двете најголеми нуклеарни сили во светот“.
Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, кој ги води преговорите со Москва, дури и по средбите со Путин ги повторуваше ставовите на Кремљ, извести претходно годинава CNN.
Според Марија Снеговаја, виша соработничка во Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), Путин не е заинтересиран за сериозни преговори. „Ако воопшто дојде до таков состанок, тој само ќе го зајакне Путин и ќе стави крај на неговата дипломатска изолација – без да мора да направи никакви отстапки“, изјави таа.
Од Украина исто така се загрижени дека би можеле да бидат заобиколени од процесот. Пратеничката Лесија Забурана, од партијата на претседателот Зеленски, изјави:
„Многу ја цениме поддршката од нашите партнери, но за нас е клучно да бидеме вклучени во секој договор и секој услов да биде во согласност со нашиот Устав“.
Таа додаде: „Сигурна сум дека Путин не сака мир. Тој е многу лукав и подмолен човек. Само силна позиција на Трамп може нешто да промени“.
Во петокот во Истанбул за првпат по неколку години беа одржани директни разговори меѓу украински и руски претставници. Се договорија за размена на 1.000 заробеници и изразија подготвеност за идни разговори и документирање на условите за прекин на огнот, според турскиот министер за надворешни работи.
Сепак, Украинците стравуваат дека Трамп на средба „еден на еден“ со Путин би можел да ги признае руските анексии. Според нацрт-предлогот за мир што го објави Reuters, САД би понудиле де јуре признание на пет украински територии кои Русија ги контролира целосно или делумно – вклучувајќи го Крим, Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Други предложени отстапки се забрана за влез на Украина во НАТО – што е една од „црвените линии“ на Путин – и укинување на санкциите од 2014 година, заедно со нови економски договори со Русија.
Но, и Европа и Украина ги отфрлија овие услови. Зеленски, кој во петокот разговараше со Трамп по телефон во присуство на лидерите на Франција, Германија, Полска и Велика Британија, повика на единство за да се принуди Путин на мир.
„Ако Русија не прифати целосен и безусловен прекин на огнот, мора да следат остри санкции. Притисокот мора да продолжи додека не се повлече“, рече Зеленски.
Советникот на Трамп, Себастијан Горка, изјави дека средбата меѓу Трамп и Путин е само прашање на време. „Се сведува на тоа кога е вистинскиот момент“, рече тој на самит во Вашингтон.
Марија Снеговаја заврши со оценка дека понудите на Вашингтон се веќе преголеми и дека САД треба веднаш да воведат построги санкции и да дадат поцврсто ветување за воена помош за Украина за да го натераат Путин да преговара.