Претседателот на САД Доналд Трамп во петокот го смени курсот и рече дека Русија всушност ја нападна Украина и дека Киев наскоро ќе потпише договор за минерали со САД како дел од напорите да се стави крај на војната во Украина.
Трамп во вторникот рече дека Украина „никогаш не требаше да ја започне“ војната пред три години, што предизвика бран критики и во САД и на меѓународно ниво. Притиснат на оваа тема во интервју за радиото Фокс њуз во петокот, тој призна дека Русија ја нападнала Украина по наредба на рускиот претседател Владимир Путин.
„Русија нападна, но не требаше да му дозволат да нападне“, рече Трамп, додавајќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и тогашниот претседател на САД, Џо Бајден требаше да преземат чекори за да ја спречат инвазијата.
Подоцна, Трамп предвиде наскоро да се постигне договор за минерали.
„Потпишуваме договор, се надевам дека во следниот прилично краток временски период“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба на прашањето за можниот договор за минералите во Украина.
Зеленски во петокот одделно рече дека тимовите на Украина и на САД работат на нацрт-договор. „Се надевам на … фер резултат“, рече тој во видео обраќањето по остри размени оваа недела меѓу двајцата водачи.
Трамп во средата го осуди Зеленски како „диктатор“ и предупреди дека мора брзо да се придвижи за да обезбеди мир со Русија, која ја нападна Украина пред речиси три години, или ризикува да ја изгуби својата земја.
Промената на тонот од САД, најважниот поддржувач на Украина, ги вознемири европските функционери и ги поттикна стравувањата дека Киев може да биде принуден на мировен договор што го фаворизира Путин.
Зеленски рече дека Трамп е заробен во „балон на дезинформации“, но подоцна ги ублажи своите изјави и рече дека се надева на американски прагматизам.
Зеленски во средата ги отфрли барањата на САД за 500 милијарди долари минерално богатство од Украина за отплата на Вашингтон за помошта за време на војната, велејќи дека САД досега не доставиле ни приближно до таа сума и не понудиле конкретни безбедносни гаранции во договорот.
Украина има вредни наоѓалишта на стратешки минерали што ги сака САД. Тие вклучуваат ураниум, литиум, кобалт, ретки минерали.
Говорејќи на настан во Белата куќа претходно во петокот, Трамп го критикуваше Зеленски, додека се воздржа од негативни коментари за Путин.
„Имав многу добри разговори со Путин, а не сум имал толку добри разговори со Украина“, рече Трамп. „Тие немаат никакви карти, но играат цврсто“.
Исто така, САД во петокот предложија резолуција на Обединетите нации за одбележување на третата годишнина од руската инвазија на Украина. Американскиот нацрт од три параграфи, жали за загубата на животи за време на „конфликтот Русија-Украина“ и „бара брз крај на конфликтот“.
Киев и неговите европски сојузници сакаат да биде усвоен нивниот сопствен текст од Генералното собрание на ОН во понеделник, во кој се повикува на деескалација, предвремен прекин на непријателствата и мирно решавање на конфликтот.
Германската влада во петокот соопшти дека канцеларот Олаф Шолц и Зеленски во телефонски разговор се согласиле дека Украина мора да има место на маса во мировните преговори.
Полскиот претседател Анджеј Дуда, пак, го повика Зеленски да остане смирен и побара конструктивна соработка со Трамп.
Дуда, чиј мандат истекува оваа година, беше еден од преферираните меѓународни партнери на Трамп за време на неговото претседателствување 2017-2021 година и тие се опишаа себеси како пријатели.
Полскиот претседател треба да се сретне со Трамп во сабота во Вашингтон, објави полската државна новинска агенција ПАП.