Трамп: Го погодивме бродот што превезувал дрога од Венецуела

Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва се обрати од Овалната сала во Белата куќа, најавувајќи две важни одлуки и операции на неговата администрација.

Трамп соопшти дека седиштето на Американските вселенски сили ќе биде преместено во Алабама, во градот Хантсвил, кој, како што рече, „од сега ќе биде познат како Градот на ракетите“.

Во истото обраќање, претседателот откри дека американската војска извела напад врз брод кој превезувал голема количина наркотични средства од Венецуела. „Буквално пред неколку минути пукавме во брод – брод кој пренесуваше дрога, многу дрога. Тоа дојде од Венецуела, и тоа во голема мера. Ние го елиминиравме, и ќе го видите тоа по завршувањето на овој состанок,“ изјави Трамп.

Овој потег е дел од пошироката стратегија на администрацијата за борба против трговијата со дрога, која вклучува и распоредување американски воени бродови во Карибите.

Трамп, исто така, најави дека дознал „многу интересни работи“ поврзани со мировните напори за Украина, но одби да наведе детали. На новинарско прашање дали имал директен разговор со рускиот претседател Владимир Путин, тој одговори дека повеќе информации ќе станат јавно достапни во наредните денови.

„Ќе видиме што ќе се случи. Внимателно го следам тоа,“ додаде Трамп, оставајќи отворени прашања околу можниот развој на состојбата меѓу Москва и Киев.

Зачлени се на нашиот е-билтен