Трамп го прошири списокот на забрани за патување: опфатени уште 20 земји и Палестинската управа

Трамп
epa11843463 US President Donald Trump delivers remarks on artificial intelligence (AI) infrastructure in the Roosevelt Room of the White House in Washington DC, USA, 21 January 2025. Trump is expected to announce a 500 US billion dollar AI infrastructure investment in the US. EPA-EFE/AARON SCHWARTZ / POOL

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави значително проширување на мерките за ограничување на патувањата во САД, со што бројот на земји погодени од целосни или делумни забрани се зголеми на вкупно 39. Новите мерки вклучуваат и лица кои патуваат со документи издадени од Палестинската управа.

Според соопштението, воведена е целосна забрана за влез во САД за државјани на уште пет земји, Буркина Фасо, Мали, Нигер, Јужен Судан и Сирија, како и за лица кои поседуваат пасоши издадени од Палестинската управа. Дополнително, воведени се делумни ограничувања за уште 15 земји.

На листата со делумни ограничувања се најдоа: Ангола, Антигва и Барбуда, Бенин, Брегот на Слоновата Коска, Доминика, Габон, Гамбија, Малави, Мавританија, Нигерија, Сенегал, Танзанија, Тонга, Замбија и Зимбабве.

Овие мерки се однесуваат и на лица кои сакаат да влезат во САД како посетители, но и на оние кои имаат намера да емигрираат. Исклучок од забраната има за лица кои веќе поседуваат важечки визи, постојани жители на САД, одредени категории како дипломати и спортисти, како и за случаи кога влезот се смета дека е во интерес на САД. Новите правила стапуваат во сила од 1 јануари.

Администрацијата наведува дека причините за проширувањето на забраната се поврзани со „распространета корупција, фалсификувани или ненадежни граѓански документи и криминални евиденции“ во дел од земјите, што, според Вашингтон, го отежнува безбедносното проверување на патниците. Дополнително се споменуваат и висок процент на пречекорување на визите, одбивање на земјите да ги прифатат своите државјани за депортација, како и недостиг на стабилност и контрола од страна на властите.

Новите ограничувања за Палестинците доаѓаат неколку месеци откако администрацијата веќе воведе мерки што практично го оневозможија добивањето американски визи за лица со пасоши на Палестинската управа. Со најновата одлука, на овие лица им се забранува и емиграција во САД.

Проширувањето на забраната наиде на остри реакции од критичарите, кои сметаат дека мерките не се водени од безбедносни причини, туку претставуваат колективна дискриминација. „Оваа проширена забрана не е за национална безбедност, туку уште еден срамен обид да се демонизираат луѓето поради тоа од каде доаѓаат“, изјави Лори Бол Купер од Меѓународниот проект за помош на бегалци.

Реакции пристигнаа и од земјите опфатени со новите мерки. Владата на Доминика соопшти дека ја разгледува ситуацијата со „најголема сериозност“, додека амбасадорот на Антигва и Барбуда во САД изјави дека ќе побара дополнителни појаснувања од американските власти.

Во исто време, администрацијата најави и измени кај дел од постојните ограничувања, за Лаос и Сиера Леоне мерките се заоструваат, додека за Туркменистан дел од рестрикциите се олеснуваат. Сите други одредби од претходниот пакет мерки, објавен во јуни, остануваат на сила.

Зачлени се на нашиот е-билтен