Трамп: Горе-долу одлучив за Венецуела

EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL
EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека „отприлика веќе донел одлука“ во врска со следните чекори кон Венецуела, чија влада верува дека американското распоредување воен персонал во Карибите е насочено кон нејзино соборување.

Трамп тврди дека е постигнат напредок

„Отприлика веќе сум одлучил“, изјави Трамп во авионот Air Force One, на пат кон неговата резиденција на Флорида.

„Не можам да ви кажам за што станува збор, но постигнавме голем напредок со Венецуела во спречувањето на внесување дрога во САД“, додаде тој.

Вашингтон од септември мобилизира поморски и воздушни сили во близина на Латинска Америка поради напади врз бродови кои, без конкретни докази, се сметаат за пловила поврзани со трговија со дрога.

Во тие напади во меѓународни води досега се уништени најмалку 21 пловило во 20 операции, при што загинале најмалку 80 лица. Кампањата значително ги зголеми тензиите во регионот, особено со Венецуела.

Противречни пораки и растечка напнатост

Трамп, кој одобрил тајни операции на ЦИА во земјата, досега испраќаше контрадикторни сигнали за својата стратегија – понекогаш споменувајќи можни воздушни напади врз венецуелска територија и „одбројани денови“ за претседателот Николас Мадуро, додека истовремено тврди дека не сака војна.

Републиканецот го обвинува Мадуро дека предводи нарко-картел, додека американското Министерство за правда нуди 50 милиони долари за негово апсење.

Каракас, пак, смета дека САД ја користат борбата против дрогата како изговор „за наметнување промена на режимот“ и запленување на венецуелската нафта.

По пристигнувањето на американскиот носач на авиони Gerald Ford – најголемиот во светот – Венецуела објави дека спровела големо распоредување на своите вооружени сили низ целата земја.

Извор: Index.hr

Зачлени се на нашиот е-билтен